Технологии за препознавање на лице

06.04.2022. / 09:22

Технологиите за препознавање на лице стануваат сѐ пософистицирани во дигиталниот свет. Веќе подолго време се користат преку различни аспекти, од компании кои на таков начин ги идентификуваат вработените па сѐ до отклучување на телефонот.

Софтверите кои ги препознаваат, ги мапираат, ги анализираат и го потврдуваат идентитетот на лицата на фотографијата или на видеото станаа едни од најмоќните алатки за надзор што некогаш се направени. Додека многу луѓе комуницираат со препознавањето на лице само како начин да ги отклучат нивните телефони или да ги сортираат нивните фотографии, начинот на кој го користат различните компании и влади ќе има далеку поголемо влијание на животите на луѓето и уште долго време ќе предизвикуваат полемики и дебати.

Од друга страна, ваквите апликации можат да бидат многу корисни во истражувачкото новинарство, обезбедувајќи одлична алатка за следење на определени јавни личности кои се заплеткани во приказните за кои се истражува.

Што е технологија за препознавање на лице

Препознавање на лице е начин на користење на технологијата за лична идентификација или за групирање на поединци/ки на сликите, на фотографиите и на видеозаписите.

Препознавањето на лицето користи оптички влез за анализа на сликата, а во овој случај особено ги гледа лицата кои се појавуваат на сликата. Оваа технологија им овозможува на компјутерите да ги идентификуваат и да ги препознаат објектите и луѓето на сликите и на видеозаписите.

Препознавањето на лицето е форма на вештачка интелигенција (AI) која ја имитира способноста на луѓето за препознавање на лица. Препознавањето на лицето е начин за идентификација или за потврдување на идентитетот на поединецот/ката со помош на неговото лице. Системите за препознавање на лице можат да се користат за препознавање на луѓе на фотографии, видеозаписи или во реално време. На овој начин медиумите можат да имаат неверојатно добар преглед во движењето на личностите кои се од интерес за приказната.

Препознавањето на лицето е категорија на биометриска безбедност. Другите форми на биометрискиот софтвер вклучуваат препознавање на гласот, препознавање на отпечатокот од прстот и препознавање на мрежницата или ирисот на окото. Оваа технологија главно се користи за безбедност и за спроведување на законот, иако е сѐ поголем интересот и за други области на употреба, како што е новинарството.

Azure препознавање на лицето

Microsoft Azure Face API нуди напредни алгоритми кои ги препознаваат лицата на луѓето на дигиталните слики. Face API може да препознае едно или повеќе човечки лица на сликата и да ги прикаже врамени лицата за да ги истакне на сликата. Исто така покажува атрибути кои вклучуваат предвидувања на цртите на лицето врз основа на машинско учење. Атрибутите вклучуваат возраст, пол, емоции, држење, насмевка и влакна на лицето, со уште 27 други обележја за секое лице што е идентификувано на дадената слика.

Оваа апликација ја истакнува и Глобалната истражувачка новинарска мрежа, како една од оние што можат да се користат при истражувањето на влијателните луѓе од Русија.

Microsoft Azure Face API може:

  • Да ги открие човечките лица и да бара сличности

  • Да ги спои сликите во групи врз основа на нивните визуелни сличности

  • Да ги идентификува сите претходно означени личности на сликите

Откако Face API ќе ги идентификува лицата, со помош на оценување на веродостојноста ќе провери дали двете личности на сликата или на сликите се исти или ќе го спореди со базата на податоци за да дознае дали веќе постои идентично лице. Face API користи заеднички визуелни карактеристики за групирање на лица со сличен изглед.

Процесот на препознавање на лице е следен:

  • Сликата е направена

  • AI софтверот за препознавање на сликите ја чита геометријата на лицето на сликата гледајќи го растојанието помеѓу клучните црти на лицето, создавајќи единствен шаблон на лицето

  • Шаблонот на лицето го споредува со базата на податоци на познатите, складираните или достапните лица

  • Процесот е успешен ако е пронајдено совпаѓање во постоечката база на податоци

Проблемот на приватноста и на етиката

Како што наведуваат во Глобалната истражувачка новинарска мрежа, важно е да обрнете внимание на ризиците со кои се соочувате при користењето на апликациите за препознавање на лице.

Алатката Blacklight на Markup, која ги скенира и ги наведува технологиите за следење на корисниците/чките на веб страниците, најде "снимател на сесијата" на веб страницата Findclone, што значи дека може да ги следи вашите притискања на тастатурата и движењата на глувчето. Blacklight исто така откри дека Pimeyes "изгледа дека ја користи [Google Analytics"] функцијата 'ремаркетинг на публиката' која овозможува следење на корисниците/чките за таргетирано рекламирање на интернет.“

Затоа, внимателно прочитајте ги условите за користење на овие апликации, како и потенцијалните можности за давање на услуги или дури и законите, со оглед на тоа дека се работи за многу чувствителна тема.

Сепак, без оглед на загриженоста поради приватноста, препознавањето на лице може да се покаже како вредна алатка за истражувачките новинари/ки кои можеби ќе сакаат да ги идентификуваат и потоа да ги истражат личностите што се гледаат на видео снимките што се објавени на интернет.

Така како преседан, обвинителите на Меѓународниот кривичен суд употребија видео снимки објавени на социјалните мрежи за да добијат налог за апсење во 2017 година, за личност која се гледа на снимката како извршува нешто за кое обвинителите наведуваат дека е воено злосторство.

Европската комисија во 2020 година ја анализираше забраната на технологијата за препознавање на лице на јавни места до пет години, за да се остави простор за изработка на регулаторна рамка за спречување на приватноста и на етичките злоупотреби. До денес не е направено многу по ова прашање.

Идните регулативи на ЕУ, кои Европската комисија ги претстави минатата година, ќе ги класифицираат системите за биометриска идентификација како систем за нарушување на приватноста со висок ризик, со тоа што на органите на редот им е забрането користењето на такви алатки на јавни места.

Новите технологии, како оваа, отвораат многу можности, но и отворени прашања за приватноста и безбедноста, за кои секако ќе се зборува во наредните години. Колку и на кој начин ќе им бидат достапни на новинарите/ките и како ќе се користат во новинарството, останува да видиме.

Ocijenite kvalitet članka