Како стратешки да се објавува содржина на социјалните мрежи

04.10.2022. / 09:03

Дали знаевте дека повеќе од три милијарди луѓе ширум светот ги користат социјалните мрежи? Тоа значи дека на национални и на регионални нивоа огромен процент од луѓето секојдневно ги користат социјалните мрежи. Според истражувањата во Босна и Херцеговина, околу 37% од младите луѓе доаѓаат до информациите главно преку социјалните мрежи. Според Regional Review of Media Trust in the Western Balkan истражувањето SEENPM од јуни 2021 година, кое го наведува истражувањето на јавното мислење на IPSOS, ситуацијата е многу слична и во останатите држави на Балканот, каде што социјалните медиуми се втори или трети по важност како главен извор на информациите.

ipsos

Тие луѓе се вашата публика. Како медиум, треба да креирате содржина која ќе стигне до нив. За да стигне таа содржина до публиката, таа треба да се пласира преку социјалните мрежи кои тие ги користат.

''Повеќето онлајн медиуми во Босна и Херцеговина до публиката доаѓаат преку социјалните мрежи и тоа главно преку Facebook. Ретки се медиумите на кои публиката директно им пристапува. Покрај ова, социјалните мрежи ѝ се главен извор на информации на помладата публика и за медиумите да досегнат до нив треба да го зајакнат нивното присуство на мрежите и стратешки да пристапуваат кон објавувањето на содржини на нив. За вниманието на публиката на мрежите се борат различни креатори на содржини, од јутјубери, огласувачи, политичари до медиуми.“наведува Анида Сокол, истражувачка и новинарка на Mediacentar Сараево.

Креирањето на содржина на социјалните медиуми (Social Media Content Creation) е процес на создавање на пишувана содржина, фотографии, графики и видеозаписи за различните платформи на социјалните медиуми.

Сѐ што ќе објавите на каналите на социјалните медиуми може да се класифицира како содржина на социјалните медиуми. Создавањето на содржина за социјалните мрежи се разликува од создавањето на содржина за вашите веб страници и портали. Таа е многу поинтерактивна од било која друга форма на создавање на содржини. Во споредба со другите содржини, како што се веб статиите или блоговите, содржината на социјалните мрежи често е попривлечна. Исто така ѝ овозможува на публиката активно да се поврзе со вас преку коментирање, лајкување и споделување на содржините.

Елементи на креирањето на содржини за социјалните мрежи

Пред воопшто да започнете да креирате содржина за социјалните медиуми, проверете ги најновите трендови на тие социјални мрежи, за да добиете впечаток каков вид на содржина сака вашата публика и за да знаете во која насока треба да ја креирате вашата стратегија.

Кон секое креирање на содржина треба да се пристапи плански, па така и кон содржината на социјалните медиуми. Креирањето на стратегијата не треба да се прави паушално, туку врз основа на аналитиката и на искуствата со она, како што сакам да го кажам, “што функционира, а што не”. Тоа е процес на следење и на креирање на најдобар модел за пристап до помладата публика која тежнее кон двонасочна комуникација, но неопходно е да се биде подготвен за експериментирање со нови алатки, канали и форми.“наведува Ламија Алечковиќ, советничка за дигитално новинарство на проектот BMAP FORWARD на USAID.

Клучни елементи за создавање на содржини на социјалните медиуми

Секој добар процес започнува со истражување. Пред да започнете да создавате содржина, треба да знаете каква содржина има ефект кај вашата публика или кај вашата потенцијална целна публика.

Ако веќе имате сериозни следбеници/чки на вашите социјални канали, можете да започнете со аналитика на социјалните медиуми. Ова ќе ви помогне да разберете што веќе ви помага, за да можете да го моделирате овој успех. Имајте во предвид дека социјалните мрежи и потребите на публиката брзо се менуваат, па постојано ќе треба да бидете во тек со најновите промени. Не е доволно само еднаш да се направи анализа.

Она што е исто така важно е да ги следите трендовите, хаштаговите, темите и звукот. Ова не значи дека секој тренд треба да го интегрирате во вашата медиумска презентација, но од секој тренд можете да добиете некои нови идеи кои можат да ви бидат корисни за да постигнете поголем ангажман и поширок досег.

Кога ќе го направите истражувањето и анализата и кога ќе имате подобар увид во трендовите на потребите на вашата публика, поставете цели за содржината на вашите социјални мрежи.

Видот на содржината што ја креирате ќе се разликува во зависност  од тоа што сакате да постигнете. Добро е да ги определите вашите цели со користење на SMART рамката за поставување на цели. Тоа ве принудува детално да размислите за тоа што можете да постигнете со вашата социјална содржина и како можете да стигнете таму каде што сакате да бидете.

Одвојте малку време за да направите бреинсторминг на идеи во редакцијата. Отворете простор каде што секој ќе може да предложи идеја. Запомнете, нема лоши идеи, од секоја идеја можете да извлечете нешто. Секој во вашиот тим има уникатни искуства со социјалните мрежи, лично и професионално, кои ќе ги разбудат нивните идеи за содржината и за очекувањата. Овозможувањето на сите слободно да го споделуваат сето тоа знаење носи богатство на искуства и на идеи кои можат да се претворат во висококвалитетни кампањи на социјалната содржина.

Задолжително имајте новинари/ки кои посебно се занимаваат со содржината за социјалните мрежи. На овој начин тие новинари/ки ќе можат активно да ги следат трендовите и иновациите при креирањето на содржините за социјалните мрежи.

Креирајте календар на содржини на социјалните мрежи. Календарот на содржини на социјалните медиуми ви овозможува планирање на различни содржини на социјалните канали за да извлечете најголема вредност од вашите напори во создавањето на дигитална содржина.

На пример, ако сакате да го привлечете социјалниот сообраќај на новата статија. Можете да го користите вашиот календар за содржини за да испланирате кога да објавите некоја релевантна објава за секоја социјална платформа.

Претходно пишувавме за достапните алатки кои се специјализирани за креирање на календари за социјалните мрежи, плус преку нив можете директно да споделувате содржина на социјалните мрежи, како што се алатките Hootsuite и Buffer.

Закажувањето на содржината однапред ви дава увид во вашиот план на содржини во реално време и ви дава време уште еднаш да ги проверите сите детали. Исто така, го поедноставува вашиот работен тек со сумирање на времето што ќе го потрошите на реално објавување на содржини во еден блок, наместо да морате да ја прекинувате вашата работа во текот на денот.

Hootsuite на нивниот блог објаснува како да се креира календар за социјалните мрежи и нуди некои шаблони кои можеби ќе ви бидат корисни.

И на крајот, задолжително анализирајте ги вашите резултати. Процесот на креирање на содржина завршува таму каде што и започна. Анализирајте ги вашите резултати за да видите што функционирало а што не и употребете ги вашите сознанија за насочување на истражувањето и планирање на тоа што да се направи следно. Доколку е потребно, поставете нови цели и повторете сѐ.

Да се следат трендовите и да се врши едукација

Анида Сокол ни посочува дека во овој севкупен план не смее да се заборави на квалитетот на содржините од јавен интерес и дека кратките видео содржини стануваат сѐ попопуларни.

Кратките видео содржини стануваат сѐ попопуларни и треба да се размислува за нивна имплементација за привлекување на публиката. Исто така, важно е да се размислува како да се искористи алгоритамот за да се зголеми следењето. На пример, на Facebook е пожелно редовно да се објавуваат содржини, но да се прават временски интервали помеѓу објавите.''наведува таа.

Ламија Алечковиќ потенцира дека за секој медиум е важно да се следат трендовите и да се врши едукација и според неа тоа спаѓа во дневната задача на секој/а поединец/ка, па така и на новинарите/ките.

Малку ми е депласирано во 2022 година да се зборува за важноста на инвестирањето на медиумите во овие платформи, но ако треба се повтори без тоа не се може, а уште повеќе не се може без планираниот и дефиниран пристап во креирањето на содржина за специфичните потреби на таа публика, кои се толку различни. Денес веќе не станува збор за комуникцијата со помладите генерации, туку и за почеток на долгорочното инвестирање во нова публика која преку добрата содржина што им се дава сега, на некој начин ќе се одгледува, ќе созрева и ќе се поврзе со вашиот бренд. Така се создава идна публика од која ќе зависи медиумот.“  - наведува таа.

Ocijenite kvalitet članka