Кои се промените во новинарството во 2022 година според извештајот на Reuters

28.06.2022. / 08:14

Излезе новиот извештај за дигиталните вести кој го објави Институтот на Reuters за проучување на новинарствто . Овој извештај вклучува 46 земји ширум светот и ги следи дигиталните медиуми и трендовите на пазарот.

Додека една од клучните пораки е таа дека, како што веќе пишувавме, луѓето сѐ помалку читаат вести, сепак постојат уште доволен број на лекции што ги нуди извештајот.  

Journalism.co.uk разговараше со Nic Newman, виш научен соработник на Институтот Reuters и еден од водечките автори на извештајот и го замоли од извештајот да ги извлече истакнатите пораки кои даваат слика за тоа каде е сега индустријата за дигитални медиуми.

Некои трендови продолжуваат, некои нови доаѓаат

Трендовите покажуваат дека вестите сѐ почесто се избегнуваат, довербата во медиумите е сѐ уште предизвикувачка, медиумите со претплати се борат за публика, социјалните мрежи се главен извор на вести за генерацијата Z, подкастите се во подем а видеото го губи фокусот во споредба со текстот, борбата со дезинформациите продолжува а постојат големи генерациски разлики во пристапот кон новинарството на интернет.

Според извештајот, во ОК речиси половина од луѓето често или понекогаш активно ги избегнуваат вестите, што е двојно повеќе во споредба со 2017 година. Причина за тоа најмногу се негативните вести, војните и кризите.

"Луѓето се чувствуваат беспомошно, соочени со овие огромни глобални, сложени проблеми, дека не можат да направат ништо околу тоа. Затоа некои луѓе едноставно се исклучуваат затоа што секогаш постои нешто поинтересно да се прави на нивниот мобилен телефон", истакнува Newman.

Тој исто така наведува дека објаснувањата и контекстуализацијата се многу важни во процесот на производство на содржина.

Медиумите имаат огромна одговорност за повторното градење на довербата, а Newman наведува дека работата на ова прашање треба да вклучува испробување на различни стратегии за ангажман.

Војната во Украина донесе ново зголемување на претплатите, The Telegraph има повеќе од 500.000 дигитални претплатници, потоа следат The Times и Sunday Times со околу 400.000. Guardian и Financial Times неодамна ја достигнаа пресвртницата од 1 милион дигитални претплатници/чки.

Меѓутоа, проблемот со претплатите е што мал број на публика сака да плати за онлајн вести, а тоа е особено изразено оваа година со економската криза и со зголемената инфлација.

Затоа, голем ќе биде предизвикот на редакциите како да ги задржат претплатниците и да им ја покажат вредноста на содржината што ја добиваат преку претплатите.

"Клучот е да се задржат луѓето и да се задржи просечната вредност на купувачите што е можно повисоко, а тогаш кога ќе влеземе во посончеви економски времиња, да се оди на зголемување", вели Newman.

Текстуалните вести повеќе се консумираат од видеото

Публиката на генерацијата Z е многу поскептична од претходните генерации за вестите што ги гледаат на нивните екрани. Тешко е да ги заинтересирате за политика, а повеќе се свртени кон социјалните аспекти на вестите.

Според истражувањето, повеќе од една третина од лицата на возраст меѓу 18 и 24 години во ОК, велат дека социјалните медиуми се нивниот главен извор на вести.

Подкастот е повторно во пораст откако се отворени границите и патувањата се сѐ позачестени. Spotify го престигна BBC Sounds како најкористена платформа за подкаст во Велика Британија, со 30 проценти меѓу корисниците/чките на подкаст. YouTube кој влегува на овој пазар како алатка за пронаоѓање на подкасти е простор за развој.

Овие платформи носат и нивни сопствени нивоа на претплата, така што редакциите мораат да размислат за нивните приоритети кога станува збор за приходите, стекнувањето на публика и податоците.

Секако едно од изненадувањата на овој извештај е фактот дека видеото заостанува зад текстот како избор на публиката. Во Велика Британија, 71 процент од публиката повеќе сака да чита вести, во споредба со само шест проценти од оние што претпочитаат видео.

Овој тренд е ист на повеќето пазари, иако земјите во кои се претпочита видео ги вклучува Филипините (26 проценти), Мексико и Перу (24 проценти).

А текстот е најсоодветен медиум за сите возрасни групи, не само за постарата публика.

Растот на YouTube и на TikTok исто така претставува нов пресврт за видеото, така што постојат многу прашања за тоа како да се пронајде најдоброто од двата света и да се избере вистинскиот медиум за вистинската содржина.

Совет на Newman? "Не се откажувајте од текстот, текстот е вашата основа. Но, текстот исто така ограничува. Работите кои луѓето ги ценат кај видеата се поврзаноста и можноста да се видат работите, емоциите што доаѓаат преку нив.“

Веќе пишувавме за тоа дека пандемијата со себе донесе огромна загриженост околу тоа што е реално, а што не е. Во овој сегмент не се променети многу работи. Дезинформациите најмногу се шират преку социјалните мрежи, па лицата кои добиваат информации преку нив се многу позагрижени од оние кои на други начини ги добиваат вестите.

Зголемен е трендот на ширење на дезинформации и преку другите платформи, како што е Telegram.

Покренати се и разговори за тоа која е улогата на денешниот/та новинар/ка и кои пристапи се најефикасни во занимавањето со новинарство. Постојат огромни генерациски несогласувања и разлики во тоа како новинарите/ките треба да се однесуваат на интернет.

Колку е помлад потрошувачот на вести, толку повеќе е изразено мислењето дека новинарите/ките треба слободно да се изразуваат на нивните канали на социјалните медиуми. Колку е постар потрошувачот на вести, мислењето е дека новинарите/ките треба само да се "држат до фактите".

Како што се наведува во извештајот: "Ова е само уште еден начин на кој социјалните и дигиталните медиуми ги доведуваат во прашање новинарските норми."

Ocijenite kvalitet članka