Креирање на мапи во Excel

18.05.2022. / 12:36

Визуелизирањето на податоците преку различни креативни пристапи стана составен дел од новинарската работа. Големите количини на податоци како такви се непривлечни и се неразбирливи за публиката, па затоа нивното презентирање на креативен и на визуелно привлечен начин е одлично решение тие да ѝ се презентираат на публиката на што е можно појасен начин.

Еден од начините за презентирање на податоците се и мапите. Мапите може да одземат многу време за изработка, па затоа постоењето на било каква алатка која е наменски дизајнирана за полесно креирање на мапи е повеќе од добродојдена во новинарството.

Претходно пишувавме за апликацијата Visme со која можете да креирате одлични мапи со голем број на готови шаблони. Со BatchGeo можете во неколку чекори да ги мапирате податоците. А покрај овие две алатки, тука се и незаменливиот Flourish за оние што се малку поискусни во областа на визуелизацијата и дата новинарството, како и StoryMap JS.

Изработка на мапа во Excel

Дали знаевте дека всушност можете да изработите мапи во Excel?

Покрај големиот број на можности што ги нуди оваа табеларна пресметка за податочни информации, таа исто така нуди и начини за презентирање на податоците, а веројатно е дека некои од нив сте ги користеле и претходно. Најчесто користени се секако различните графикони со кои визуелно сте презентирале определени податоци. За користење на мапите во Excel не се зборува многу, а оваа опција може да биде многу корисна за презентирање на податоците преку мапи.

За да започнете со изработка на мапата, пред сѐ треба да имате определени податоци со кои сакате да работите. Вметнете ги вашите податоци во Excel табелата.

Едноставно внесете листа со географски вредности, како што се регион, држава, град и слично и потоа изберете ја вашата листа и одете во картичката Податоци > Типови на податоци > Географија. Excel автоматски ќе ги претвори вашите податоци во географски тип на податоци и ќе вклучи својства кои се релевантни за тие податоци што можете да ги прикажете на мапата.

Во следниот пример конвертиравме листа на земји во географски типови на податоци, за да може мапата да ги препознае.

ew

Сега е време за изработка на мапата, па изберете било која ќелија во опсегот на податоци, а потоа одете во картичката Вметнување > Графикони > Мапи > Пополнета мапа.

ew

Ако прегледот изгледа добро, притиснете ОК. Во зависност од вашите податоци, Excel ќе вметне мапа на вредности или категории.

Форматирање на мапата

Откако е креирана мапата, лесно можете да го приспособите нејзиниот дизајн. Само кликнете на мапата, а потоа изберете на картичката Дизајн на графикон или Оформување на лентата. Исто така можете двапати да кликнете на графикон за да го покренете прозорецот за задачи Format Object, кој ќе се појави на десната страна од прозорецот на Excel програмата. Ова исто така ќе открие сериски опции што се специфични за мапата.

ewf

Ако користите податоци каде што постојат повеќе слични локации во светот, мапите нема да можат да направат разлика без дополнителни насоки. Ако е можно, додадете попрецизни детали. Понекогаш ќе мора да додадете и дополнителни колони, каде што ќе имате подкатегорија. На пример, Регион, Држава, Град. Па затоа наместо да ви пишува само град, што по некоја случајност може да има исто име како некое друго место во светот, тогаш мапата тоа нема да го препознае, но ќе го препознае ако определите регион и држава.

Вашите мапи можат да бидат и дополнително сложени во зависност од податоците што сакате да ги презентирате.

За вашите мапи да бидат интерактивни, можете да додавате колони со избрани региони, па кога ќе се кликне на определен регион вашата мапа ќе се максимизира само на оној дел каде што сте кликнале.

Ова е одлично објаснето во видеото подолу.

Се надеваме дека и овој начин на изработка на мапи ви беше интересен и дека дополнително ќе го истражувате и ќе го користите во вашата работа во иднина.

Ocijenite kvalitet članka