Зошто медиумите треба да знаат дека парадата на гордоста е протест

01.06.2022. / 08:57
Share
Pride march
Izvor: Bh. povorka ponosa, www.povorkaponosa.ba
Pride march

Парадите на гордоста се протести.

И тоа е факт од кој треба да започне секое медиумско известување за парадите.

Борбата за човекови права, на било која малцинска група, се изразува преку различни форми и секоја од овие форми може да вклучува креативен спектар на активности.

Дали некој ќе организира протест на кој само ќе се прошета по градските улици, ќе се стои пред некоја зграда, со транспаренти, со музика или без неа е само прашање на формата. Некои протести вклучуваат песна, некои молчење, но сите тие и понатаму се протести и имаат свои цели, а тоа е да пренесат определени пораки, барања, да дадат отпор и да бараат промени.

Парадите на гордоста го носат ова име од многу важна историска перспектива на животот и репресиите со кои лезбејките, геј мажите, бисексуалците, транс, интерполовите и квир лицата се соочуваат.

Историја на терминот на парадата на гордоста

Пред 53 години, поточно на 28 јуни 1969 година се случило историско важно излегување на LGBTIQ лицата на улиците на Њујорк. Овој настан повеќето историчари/ки го сметаат за раѓање на модерното LGBTIQ движење.

Во тоа време законските регулативи ширум светот ги криминализираа LGBTIQ лицата, полициските рации беа секојдневие во баровите каде што се собираа LGBTIQ лицата. Овие рации беа насилни и често резултираа со приведување на LGBTIQ лицата, најчесто транс жените.

Кога било кое лице или група на луѓе секојдневно е угнетувано/а, кога над него/неа/нив се врши дискриминација, сегрегација или насилство само поради тоа што постојат автентично такви какви што сѐ, тогаш единствен логичен тек на настаните што следат е отпорот.

LGBTIQ лицата се историски деградирани и третирани на таков начин што треба да се срамат од нивната сексуална ориентација или од родовиот идентитет и токму поради ова тие решија да кажат доста, доста за нехуманиот третман и за секојдневното насилство. И таа ноќ, на 28 јуни 1968 година, кога полицијата тргна да изврши рација во кафе барот Stonewall Inn, LGBTIQ лицата решија да дадат отпор. Историскиот отпор кој навистина ќе биде пресвртница во развојот на правата на LGBTIQ лицата во светот. Отпорот започна од транс жените кои јасно и гласно порачаа дека се горди на тоа што сѐ и дека немаат поради што да се срамат, туку се гордеат дека и покрај сите репресии и понатаму ги живеат нивните автентични животи. Затоа тоа излегување на улица беше одраз на искрената гордост и на отпорот.

Една година подоцна, во 1970 година, на годишнината од овој бунт се одржа првата Парада на гордоста во светот. Поради тоа во рамките на LGBTIQ заедницата месец јуни се одбележува и како Месец на гордоста.

Педесет и три години подоцна, во 2022 година, LGBTIQ заедницата ширум светот и понатаму се соочува со сериозни репресии, насилство и дискриминација.  

Гордоста денес

Со текот на времето, помалите маршеви и собири што ги организирале членовите/ките на заедницата се развиле во високо организирани настани кои привлекоа голема поддршка од граѓаните. Во Западна Европа и главно во Северна Америка, сѐ поголемата популарност и видливост на парадите на гордоста делумно може да се припише на повисокото ниво на прифаќање на заедницата.  

Поголемото прифаќање на LGBTIQ заедницата во западните општества го означи отворањето на простор за парадите за прослава на идентитетот и животот на LGBTIQ лицата. Славењето на нехетеронормативните идентитети е важен чин на активизам и чин на отпор со кој се чуваат тешко стекнатите права и напредокот кон поквалитетен живот на LGBTIQ лицата. Затоа е важно да се повтори дека шаренилото, боите на виножитото, песната, смеата, славењето што го гледате на парадите на гордоста се одраз на отпорот и на слободата кон која се стреми секое човечко суштество.

Парадите на гордоста денес во некои делови од светот, па и во нашиот регион, се сѐ уште на ниво на основна борба за правно идентификување, институционална заштита од насилство и од дискриминација и начин на разбивање на предрасудите кон LGBTIQ лицата од страна на општеството. Тие претставуваат важен и храбар чин на отворање на LGBTIQ заедницата кон општеството од кое често се дискриминирани и преку ова отворање испраќаат јасна порака дека улиците на градовите во кои живеат им припаѓаат и на нив и дека сите тие улици, институции и куќи мораат да бидат безбедни и слободни и за LGBTIQ лицата да ги живеат нивните автентични животи.

Имајќи ја во предвид постојаната желба да се одземат стекнатите права или да не се дозволи нивниот напредок, прашањето за парадите на гордоста, како протест што ги користи шаренилото, песната, смеата, гордоста како отпор е важно за нашите општества.

Затоа е важно медиумите да разберат дека не мора секој протест да личи еден на друг и дека може да се појави во сите облици и форми. Важноста да се разбере парадата како протест ќе значи и поинаков пристап кон известувањето за LGBTIQ лицата. Следниот понеделник ќе ви претставиме насоки и препораки како да се известува за овој протестен собир за преку инклузивното медиумско известување да се воспостави врска помеѓу LGBTQ заедницата и остатокот од општеството.

Ocijenite kvalitet članka