

Рубриките во новинарството се користат за означување на различни оддели во медиумот, како што се политика, патувања или спорт. На сличен начин се делат содржините како што се реклами или рецензии, колумни, мислења.
Рубриките се користат и за означување на географските области од каде што се известува.
Нивната цел е да се направи разлика на типовите на содржина за кои што се известува, но има и неколку дополнителни елементи кои се важни за промоција на содржината.
Рубриките во медиумот покажуваат каков тип на медиум сте.
Содржината во медиумите е поделена во рубрики (категории) кои можат да вклучуваат:
- локални вести,
- меѓународни вести,
- бизнис и економија,
- спорт,
- политика,
- животна средина,
- спонзорирани содржини,
- колумни со мислења,
- шоу-бизнис,
- уметност и култура.
Ниту една од рубриките не е задолжителна, но го прикажуваат стратешкиот пристап на медиумот кон определени теми.
SEO оптимизацијата на веб страницата на медиумот преку рубриките (категориите)
Без прецизни рубрики и содржина што е распоредена во нив, нема SEO оптимизација на медиумот.
Сосредоточете се на чистата архитектура.
Веб страниците на медиумот можат да бидат вистински SEO предизвик затоа што се големи (имаат огромен број на нови објави на дневно ниво) и постојано растат.
Затоа е важно да се има добра структура на веб страницата која посетителите/ките ќе ја користат како навигација низ содржината како и за пребарување.
Категориите на содржина им помагаат на читателите/ките да ја пронајдат содржината што им е потребна и да ги видат вестите од определена локација или определена тема. И тоа е важен елемент на кој мора да мислите при креирањето на категориите на содржина. Она што секој медиум треба да се запраша е дали категориите работат за вас?!
Потребни ви се прецизни и логични категории за да можат читателите/ките лесно да го пронајдат она што го бараат, но треба да знаете дали сите интереси на публиката се вредни за креирање на нови категории?
Ако постојат категори со само неколку статии, од SEO перспектива покорисно ќе биде да се избрише оваа категорија, а содржините да се преместат во друга категорија. Подобро е да се има помал број на страници со повеќе содржини. Друг проблем на категоријата со малку содржина е датумот на освежување. Доколку содржината не се освежува редовно тоа значи дека таа тема не му е приоритет на медиумот.

Одговорот сам се наметнува. Ако имате вести со определени теми само периодично (како во овој пример, четири текста во мај), нивното место е со останатите содржини. Нема потреба од посебна рубрика.
Како изгледа ова од SEO перпсектива?
На фотографијата подолу се прикажани категориите и подкатегориите на медиумската содржина.

Во овој медиум “Омбудсман” е категорија на вести во која се објавени четири статии. “Политика”, која дневно на информативните портали има десетици вести, во овој медиум е подкатегорија, што значи дека во хиерархијата на информации политиката е помалку важна од темата омбудсман.
Клучниот аспект за SEO е да се одлучи што треба да биде тематскиот фокус на веб страницата со вести.
Некогаш веб страниците со вести можеа да се рангираат за речиси секоја тема што ја имаа на мрежата. Авторитетот што го градеа веб страниците со текот на годините им овозможи да се рангираат при врвот на разултатите на Google за многу термини, доколку имале некоја содржина за тие термини.
Кога медиумот имал квалитетно известување за политичките вести, таа категорија на содржини го делела авторитетот со останатите на веб страницата. Дури и со оние кои немале голем број на квалитетни објави, како што се вестите за славните личности.
Оваа практика целосно се промени во 2018 година, кога Google стави акцент на авторитетот на веб страницата. Оттогаш, медиум со силен авторитет во политиката и понатаму високо се рангирал за политичките вести, но не и за темите во кои немале слично ниво на ингеренции. Нивните повремени вести за славните личности веќе не се рангираат високо на Google пребарувачот.
Првите места за вести за славните личности ги заземаат медиумите кои се специјализирани за таков тип на вести.
Категориите (рубриките) на медиумот во оваа шема имаат многу голема улога.
Корисничкото искуство на веб страницата
Уште еден важен аспект во структурата на веб страницата е длабочината.
Со други зборови, колку кликнувања се потребни за од почетната страница да се дојде на било која друга страница на вашата веб локација? Тоа не треба да биде повеќе од три кликнувања, а идеално би било овој број да биде што е можно помал.
Колку е подалеку веста од почетната страница на медиумот, толку е полоша нејзината позиција на Google. Тоа значи дека читателите/ките не можат да дојдат до таа содржина ако вие не им испратите директен линк.
Секој од овие, навидум технички детали, има многу големо влијание. Ако читателите/ките можат да дојдат до вестите само кога медиумот интензивно вложува во дистрибуцијата на содржини, тоа значи дека посетеноста на медиумот постои ако сообраќајот се “купува.”
Зошто рубриките (категориите) на содржини му се важни на медиумот?
Доколку медиумот има добро испланирана структура на веб страницата со добро распоредена содржина во категории, тогаш позицијата на медиумот и на содржината на Google е подобра.
Колку е подобра позицијата на медиумот и на содржината на Google, толку е поголем сообраќајот на веб страницата. Колку што сообраќајот, прегледите на страниците, единствените посетители, посетителите кои се враќаат, претплатниците, споделувањата и коментаторите се поголеми, толку е поскап рекламниот простор во тој медиум.
Колку е поскап рекламниот простор, толку е поодржливо финансирањето и опстанокот на медиумот.
Толку едноставно.
А ја започнавме приказната за старите добри рубрики во весниците.