За важноста и за улогата на известувањето за родово заснованото насилство, дали медиумите ги перпетуираат стереотипите и предрасудите преку своето известување, кои се добрите пристапи во известувањето за оваа тема, и важноста и од новинарската професија да се проговори за новинарките кои доживуваат сексуално вознемирување и насилство, разговаравме со Софија Тодоровиќ.
Софија Тодоровиќ е проект менаџерка во BIRN во Белград. Од 2016 година работела за Иницијативата на младите за човековите права како координатор на програмата, воглавно се занимавала со прашањата за човековите права, со транзициската правда и со демократијата.
Добитничка е на наградата за човекови права Ледоломац на Либерално – демократската партија на Србија за 2018 година, а ја добила и Наградата за феминистички достигнувања за 2019 година од БеФем, српскиот феминистички културен центар.
Овој четврток од 10 до 12 часот (линк за регистрација) BIRN организира дискусија под наслов: #metoo во новинарството: Кога балканските новинари/ки ќе проговорат?, и по тој повод одлучивме да разговараме со неа за оваа важна тема.
Целта на оваа дискусија е да се слушне гласот на новинарките кои имале искуства во врска со сексуалната злоупотреба и вознемирување, и кои се тие промени што треба да се случат за да се создаде побезбедно работно окружување за новинарките.
Живееме во патријархално општество во кое насилството над жените е изразено во сите сфери. Која е според вас улогата на новинарството во известувањето за насилството врз жените? Дали улогата на медиумите е само да информираат или пак треба да учествуваат и во едукацијата и во разбивањето на длабоко вкоренетите патријархални хетеронормативни матрици на однесување?
Улогата на новинарството е да биде професионално и основано и на секоја тема да ѝ пристапува одговорно. Известувањето за насилството врз жените во нашиот регион е многу лошо, придружено е со сензационализам, често е таблоидно а перспективата на самата жртва често се занемарува. Така често доаѓаме во ситуација да гледаме слики на претепани жени а причините за насилството остануваат целосно необработени, и со самото тоа ни се незамисливи кампањи за насилство врз жените во кои не гледаме ниту модринка.
Улогата на медиумите е да информираат, меѓутоа кога тоа информирање е лишено од секаква пристојност, одговорност и етика тогаш не сум сигурна дека можеме да зборуваме за професионално известување. Јас верувам дека во општествата што се како нашите во кои едукацијата за насилството, родовите улоги, феминизмот, не се составен дел од образовниот систем, тогаш оваа задача паѓа на товар на сите други кои не се државата. Исто така сум сигурна дека кога медиумското известување за најчувствителните теми, а тие се пред сѐ феминистички, би било соодветно, тоа неминовно би имало и едукативен карактер.
Колку медиумското известување може или колку има влијание во истакнувањето на предрасудите што постојат во нашето општество?
Во општествата кои не се чувствителни на женската болка, туку воглавно ја сведуваат на патетика, каде што знаењето за основните концепти на човековите права е многу ниско, секое професионално известување доаѓа како еманципирачко. Предрасудите се многубројни и тие треба да се адресираат на сите нивоа, мислам дека бројот на медиуми кои успеваат да го пренесат женското искуство на вистински начин сѐ уште е многу мал, но е важен затоа што на тие текстови созреваат многу нови дигитално писмени генерации. Она што е можеби најважно да се нагласи е дека фаќањето во костец со предрасудите не е едноставно и често може да звучи комплицирано, но ние мораме да разбереме дека сложените проблеми немаат лесни решенија и бараат ангажман на сите актери на кои овие теми им се важни. Од друга страна, постои уште една шема која константно се повторува, а тоа е дека медиумското известување ги оддалечува жените од жените, постојано претставувајќи ги како ривалки и сопернички, потребно ни е да разбереме дека жената на жената не ѝ е волк и дека секоја од нас предрасудите и стереотипите, без исклучок, трајно не ставаат во нерамноправна положба.
Што е според вас добар пристап на уредништвото и на медиумот кога зборуваме за известувањето за родово заснованото насилство и сексизмот? New York Times пред неколку години одлучил во уредништвото да вклучи феминистичка перспектива, каде што уредништвото добило нова уредничка која го носела капиталот на феминистичкото знаење. Дали е вакво нешто можно на нашите простори и дали е ова добар пример кој може да придонесе за поквалитетно покривање на овие теми (но и на други)?
Медиумите треба константно да работат на себе, да ги поместуваат границите и да го унапредуваат сопственото известување преку соработка и константно учење. BIRN на пример оствари соработка со НВО од Атина со која заедно работиме на едукација на новинарите и на новинарките за родово сензитивното известување кое нема за цел да ја направи приказната “досадна” или помалку важна, туку токму спротивното. Ние учиме едни од други, и многу е важно таа линија на нови сознанија и вештини да не се прекинува, тоа е важно како за учесниците/ките на програмата така и за сите нас кои сме дел од медиумите или од невладините организации.
Бидејќи живееме во свет каде што сѐ се менува брзо, а количината на негативни трендови понекогаш не можеме доволно брзо да ја следиме ниту да одговориме на нив, верувам дека е важно да бидеме конструктивни и да пробаме различни пристапи кои можат да доведат до подобрување на работата на самиот медиум и на знаењето на неговите вработени. Во таа смисла верувам во размената на знаење, верувам дека треба да се обидеме со сѐ што може да доведе до сензитивирање на медиумот “од внатре” затоа што целта кон која тежнееме е известување кое ќе ги почитува жртвите и нема да врши секундарна виктимизација. Сексизмот и мизогинијата се одомаќиле во нашите медиуми, поквалитетното покривање на сите теми кои се однесуваат на жените треба да бидат приоритет, подобар свет за жените значи подобар свет за сите.
Во Сараево актерките ја покренаа онлајн платформата #NisamTražila, каде што објавуваат исповеди на актерките за насилството врз нив. Колку е важно за насилството да се проговори од професијата, односно новинарките директно да зборуваат за своите искуства?
BIRN во четврток (време: 10ч -12ч, линк за регистрација) ќе одржи онлајн дискусија каде што токму со новинарките од регионот ќе разговараме за насилството кое новинарките го трпат на своите работни места а ќе се обидеме да одговориме на прашањето што сѐ е потребно за новинарките да се чувствуваат зајакнато за да проговорат. Во Србија само од крајот на минатата и почетокот на оваа година имавме неколку храбри истапувања во јавност на жртви на насилство кои ги именуваа своите злоставувачи. Важно е јавно да зборуваме за тоа, но постои уште една можеби и поважна работа а тоа е дека секоја жртва сама го избира својот момент кога ќе проговори. Ние, како некаква јавност, сме тука за да ги поддржиме, да бидеме тука, ако можеме да придонесеме да се залечат нивните душевни рани.
А кога жената конечно ќе излезе со својата приказна, мораме да бидеме подготвени да ја пуштиме да го направи тоа на таков начин што таа ќе се чувствува безбедно, да бидеме солидарни и полни со разбирање, на крајот на денот искуството е нејзино. Во случаите на сексуално насилство не е важно што сака јавноста, со тоа мораме да бидеме начисто, важно е дали жртвата се чувствува способна да ја раскаже својата приказна во моментот кога ќе почуствува потреба за тоа.
Кога зборуваме за новинарките, постои една одлична иницијатива за која верувам дека читателите слушнале, а ако не слушнале еве можност за тоа, станува збор за неформалната група „Новинарките против насилство кон жените”. Групата ја сочинуваат преку 75 новинарки и уреднички на национални и локални медиуми во Србија, кои организирано, јавно и гласно се борат против насилството кон жените. Ваквите иницијативи претставуваат важни механизми за поддршка, за подигање на свеста и за охрабрување.
Би ја искористила оваа можност да споменам уште неколку интересни онлајн страници кои се занимаваат со оваа тематика, една од нив е и Facebook страницата “Stub srama” која ја покрена актерката Данијела Стајнфелд. Страницата објавува онлајн содржина која претставува вознемирување и омраза што се упатени кон жените кои проговориле за сексуалното насилство.
Дали ако се проговори за насилството што го доживуваат новинарките може да доведе до побезбедно работно окружување и намалување на родово заснованото насилство?
Да, дефинитивно. Секое унапредување на безбедноста на просторот во кој престојуват жените го иницирале жените кои јавно зборуваа за насилството, за траумите и за стравот. Меѓутоа како што наведов погоре ние (јавноста) не сме управувачи на овој процес, но можеме да создадеме атмосфера во која жртвите ќе се чувствуваат безбедно ако проговорат и ќе знаат дека не се сами. Тоа мораме и можеме да го направиме заедно.
Секоја жена заслужува работно окружување во кое нема да биде изложена на сексизам, на насилство (психичко и физичко), на мизогинија, на нерамноправен економски третман или на родово засновани уцени.
Колку е важно во оваа приказна да се вклучат и мажите, со оглед на тоа дека родово заснованото насилство доаѓа токму од нив? Дали дополнителните едукации на машките колеги се важни и дали можат да придонесат за подигање на свеста и за намалување на родово заснованото насилство?
Важно е да се вклучат сите, важно е мажите да бидат сојузници на женската борба, но не по секоја цена а особено не доколку го немаат на ум, во секој момент, фактот дека жената знае што е најдобро за неа и дека таа е рамноправна соговорничка на секоја тема. Тоа мора да биде некој минимум околу кој мораме да се договориме. Дека жените се доволно паметни, доволно вредни, доволно способни, доволно одговорни, дека се едноставно доволни и добри без наметнување на патријархални критериуми за вреднување на жените како суштества.
Поради што вие се одлучивте да го покренете настанот #metoo во новинарството: Кога ќе проговорат балканските новинари/ки?
Се одлучивме да покренеме разговор на оваа тема во светлото на настаните што го потресоа нашиот регион а кои се однесуваат на жените кои храбро истапија и зборуваа за своите трауми. Мислам дека ниедна професија не е имуна на насилство врз жените, треба да се воздржиме од тоа етикетирање само на определени професии и индустрии кои се погодни за да се изврши насилство врз жените. Сакаме како медиумска организација да отвориме простор за да се разговара за овие проблеми во контекст на новинарската професија, мислам дека ваквата иницијатива треба да дојде од самите медиуми.
За сето тоа сакаме да зборуваме со новинарките, сакаме да ни ги раскажат своите искуства, сакаме да дознаеме како се препознава насилството и што можеме да унапредиме во своите редакции за жените да бидат посигурни и побезбедни.
Го сметам тоа за одговорен пристап и како солидарни поединци и здруженија тоа им го должиме на сите оние жени кои поминуваат години во срам и во молчење.