Нашата хероина Маријана Бојаниќ напиша текст за првата анти-воена песна која им е посветена на децата од Украина

23.03.2022. / 08:35
Share
marijana bojanic nase heroine
Marijana Bojanić, Ilustracija Lejla Ahmedspahić
marijana bojanic nase heroine

Нашата хероина Маријана Бојаниќ, извршна директорка на телевизијата Vijesti и на Daily press во чии рамки работат дневниот весник Vijesti и порталот Vijesti, поттикната од војната во Украина, ја напиша првата анти-воена песна која им е посветена на децата од Украина . Песната веќе доживеа голем успех во целиот регион, а како што наведува Маријана веќе е преведена на десет јазици.

 

По повод објавувањето на оваа песна, сакавме да поразговараме со неа за самата нејзина мотивација како новинарка, да напише еден ваков текст.

“Vijesti” е црногорски медиум кој несомнено се истакнува и надвор од националните граници поради пристапот и хуманитарните акции кои ги организираат поради различни потреби.  Така и по повод војната во Украина, организираа донаторска вечер за да соберат финансиски средства за децата од Украина. Сето ова беше повод да разговараме со неа и воедно да ја замолиме да ни го каже нејзиното мислење за тоа како треба медиумите да известуваат за војната и колку е денес променет пристапот на медиумското известување, односно дали е воопшто сѐ уште можно да се остане неутрален.

Balkansmedia: Вие го напишавте текстот за првиот анти-воен спот на овие простори, кој им е посветен на децата од Украина. Можете ли да ни кажете нешто за креативниот процес и за Вашата мотивација да го напишете текстот?

Маријана Бојаниќ: Сликите од војната, децата кои остануваат без најблиските, срушените домови, бегалските колони, страдањата и неизвесноста ја разбудија во мене најдлабоката тага, но и желбата да направам нешто, барем малку, што ќе го разберат сите добронамерни луѓе и ќе преземат акција.

Сликите од страдањата ми ги вратија потиснатите сеќавања на она што ние од подрачјето на поранешна Југославија го преживувавме во деведесетите години, кога и моето мирно и бајковито детство беше прекинато од ужасите на војната.

Од друга страна – во самиот корен на создавањето на медиумите во кои работам е анти-воениот активизам – од Monitor, преку весниците, телевизијата, порталот Vijesti и Центарот за истражувачко новинарство основачите секогаш го креваа гласот против неправдата и агресијата на моќните. Сето тоа влијаеше да ја напишам песната, речиси во еден здив, додека со колешките и колегите ја подготвувавме акцијата за помош на децата од Украина. Песната веднаш ја компонираше Данијел Алибабиќ, аранжманот го направи Дејан Божовиќ, децата Милица Раднан и Комнен Вуковиќ ја испејаа со многу емоции, како и целиот хор D moll. Само неколку дена подоцна го снимивме и спотот кој веќе се "врти" во земјите од регионот, а волонтерите кои сакаат овој апел за мир да се слушне што подалеку, досега ја преведоа на десетина јазици.

Balkansmedia: "Vijesti" минатата недела организираше донаторска вечер и собравте 10.000 евра за помош на Украина. Колку е важно медиумите да се вклучат во вакви и слични акции?

Медиумите по својата природа се општествено одговорни организации, кои со професионалното и етичко известување придонесуваат за демократскиот развој и за еднакви можности за сите, промовираат мир и се борат против дезинформациите. Така работат професионалните медиуми. Но, Vijesti одат и чекор понатаму, па организираме помош секогаш кога е можно и ги покануваме и другите да ни се придружат. Кога имаше земјотрес во соседна Хрватска, собиравме помош за децата и ја испраќавме во Петриња, го подаривме целиот приход од тиражот на новогодишното издание на Vijesti за помош на погодените од земјотресот. Граѓаните од Црна Гора масовно се приклучија и нашата редакција беше преполна со пакети за помош на децата, фирмите уплаќаа финансиски средства, читателите купуваа и по десетина примероци на Vijesti само за да им помогнат колку што е можно повеќе на настраданите. Гласот на професионалните медиуми се слуша погласно и подалеку а довербата што ја имаат луѓето во нас резултираше со голема, човечка, топла акција за нашите соседи.

Бидејќи Украина е далеку и не е едноставно да се организира помош во храна, решивме да направиме донаторска вечер на која беа поканети дипломатски претставници, бизнисмени, политичари, личности од јавниот живот. Сакавме таа вечер целосно да ѝ биде посветена на Украина, па пронајдовме некои наши сограѓани со потекло од Украина кои подготвуваа украински специјалитети за таа вечер. Таа вечер беа собрани 10.000 евра помош и навистина сме особено горди на резултатот и на одзивот на акцијата, како и на сите добри луѓе кои се приклучија.   

Balkansmedia: За кого се наменети овие средства за помош, општо за населението на Украина или конкретно за медиумските организации?

Помошта е наменета за децата од Украина и собраните финансиски средства ги уплативме на хуманитарната жиро-сметка на амбасадата на Украина во Црна Гора, со надеж дека тие најдобро ги разбираат потребите на нивните сонародници и ќе ја поделат.

Balkansmedia: Дали планирате да организирате уште некои настани и дали се прават и други напори за помош на Украина кои би можеле да ги споделиме со посетителите на порталот Balkansmedia.org?

Со надеж дека војната брзо ќе заврши, а страдањата ќе престанат ќе настојуваме да организираме уште акции за помош, сѐ во зависност од понатамошните случувања, можности и потребиЗасега - поради интересот на добрите луѓе, најавивме продолжување на акцијата за собирање на финансиски средства.

Balkansmedia: Имате ли некој совет за медиумите во регионот што се однесува на известувањето за војната во Украина а и за начините на кои тие можат да помогнат и да дадат поддршка?

Пред сѐ со навремено, точно и вистинито известување за сите случувања поврзани со војната во Украина и бегалската криза. Ова е време кога секој жител на планетата што има интернет може да испрати "вест". На нас е секоја од нив да ја провериме трипати пред да ја објавиме. Тоа не е лесна работа но е општествено важна и нашата одговорност е голема. Во трката со времето, не смееме да ризикуваме и да објавиме нешто што подоцна ќе се утврди дека е лажна вест, како на пример монтирано видео, како нешто што предизвикува паника или е производ на некакво непримерно и опасно влијание. Затоа е важна проверката на фактите што не е едноставна во воени времиња и во време кога поплавата на дезинформации е опасна исто како и пандемијата. Уредниците мораат да застанат на првата линија на одбрана на професионализмот и на етиката и да се борат за точни а не само за брзи информации. Затоа морам да истакнам дека новинарите/ките и уредниците/чките на телевизијата, на весникот и на порталот Vijesti и во овие кризни времиња го оправдуваат епитетот на редакција и медиум во кој граѓаните на Црна Гора имаат најголема доверба, заедно со најголемата гледаност и читаност кои сами, без довербата, не се доволна одредница за оценување на квалитетот на еден медиум.  

Би било добро медиумите од нашите говорни подрачја да се обединат и да направиме голема заедничка акција која нема да значи само материјална помош, туку и хумана сила на медиумските куќи во обид да се испрати порака за мир и солидарност. 

Balkansmedia: Веќе со децении објективноста и неутралноста се истакнуваат како правило на новинарството. По ваше мислење, во последните неколку децении колку е променет овој пристап и дали воопшто сѐ уште е можно да се биде неутрален?

Од суштинско значење е да се придржувате до највисоките етички стандарди на новинарството и да бидете професионални. Само така можеме да придонесеме за тоа професионалните медиуми да бидат важни и стабилни. Од моментот кога интернетот и социјалните мрежи станаа дел од секојдневието тоа не е едноставно, затоа што денес псевдоредакции "никнуваат" во дневните соби, на каучот, во политичките партии или во сериозните центри на моќ. Тешко е во таа шума од дезинформации, обичните граѓани да разликуваат што е од интерес за јавноста а што е интересно за јавноста. Тоа се два различни термини и не смееме да чекориме по работ само за да имаме ексклузивност, гледаност или читаност. Сето тоа го "плаќа" општеството а цехот на дезинформациите не е нималку наивна работа во ниту една заедница. Медиумскиот плурализам, како што често се мисли, не е само обична бројка на разновидни медиуми. Медиумскиот плурализам не постои доколку не постојат силни професионални редакции каде што работат уредници "од формат" и новинари кои ги познаваат етичките стандарди и се придржуваат на нив. Граѓаните "вртат канали", посетуваат различни портали, но на крајот, им веруваат на оние што никогаш не ги измамиле.

Оценете го квалитетот на статијата