Balkansmedia.org во текот на месец март ќе ги претстави и ќе прослави само неколку од милионите жени во медиумите кои секојдневно ги уриваат бариерите и го трасираат патот за младите генерации на новинарки и на медиумски работнички. Во соработка со илустраторката Лејла Ахмедспахиќ, една од илустраторките која работеше и на проектот #ŽeneBiH, ќе можете да видите 6 исклучителни илустрации за 6 неверојатни медиумски работнички на Балканот за да ве запознаеме со жените во медиумите и надвор од рамките на вашите држави и за да им дадеме надеж на младите генерации на медиумски работнички дека не се сами, дека имаат поддршка и дека имаат темели од кои можат да почнат.
Прва што ја претставуваме е Вилдана Селимбеговиќ.
Вилдана (Фуад) Селимбеговиќ е родена во Травник во 1963 година, завршила гимназија во Травник а во Сараево дипломирала на Факултетот за политички науки (Новинарство).
Од 1988 година до 1994 година работела во Večernje novine (Сараево), од 1994 година до 2008 година во списанието Dani каде што била уредник, помошник на главниот и одговорен уредник, заменик на главниот и одговорен уредник, извршен уредник, заменик директор и во два наврати и главен и одговорен уредник (од 2000 година до 2003 година и од 2005 година до 2008 година).
За нејзината професионална работа и ангажман во два наврати беше прогласена за новинарка на годината во изборот на списанието Žena 21 (во 1997 година и во 2001 година), а во 1998 година од страна на Европската Унија и Владата на САД беше наградена со признание за придонес во развојот на демократијата и почитувањето на човековите права.
Од октомври 2008 година е главна и одговорна уредничка на Oslobođenje. Во 2015 година во САД е наградена со признанието SAIS за истражувачко новинарство, во 2017 година од италијанското здружение Giavera ја доби наградата за придонес во почитувањето на човековите права, а истата година беше прогласена и за новинарка на годината во БиХ.
