Никола Вучиќ: Новинарите/ките на првата линија на одбрана на демократијата

22.03.2021. / 08:08

Никола Вучиќ е млад и многу успешен новинар и уредник кој моментално работи на N1 телевизијата во Босна и Херцеговина. На оваа телевизија веќе трета година по ред ја уредува и води емисијата „Вон рамка“. Тој преку оваа емисија го отвора просторот за разговори за општествени, политички, културни и многу други теми и феномени, а специфичноста на емисијата не е само во изборот на темите туку и во начинот на кој се зборува за нив. И покрај оваа емисија, фокусот на темите на неговиот новинарски ангажман се образовни и културни политики, изградба на мирот и човековите права.

Новинарството е за него „една од можните и поважните форми на општествен ангажман, но најпрво е објективен поглед врз општественото секојдневие“.

Тој е добитник на наградата UN Women во БиХ, на Здружението БХ новинари и Асоцијацијата XY во категоријата на ТВ новинарство за известувањето за темата за родово засновано насилство, како и наградата на Комисијата за остварување на рамноправноста на половите на Парламентарното собрание на БиХ за придонесот за рамноправноста на половите.

Со него разговаравме за тоа како тој ја доживеал пандемијата низ призмата на новинарството, и како тој го гледа прашањето за рамноправноста на половите во медиумските редакции, колку постои свеста меѓу неговите колеги за постоењето на овој проблем, и што е тоа што според неговото мислење би можеле да го сменат колегите или дополнително да го внесат во сферата на новинарството, а што би можело да придонесе за подобра положба на новинарките.

Новинарството треба да го задржи својот интегритет и просторот за критичко мислење

Balkansmedia: Со доаѓањето на пандемијата многу работи се изменети. Како вие ја доживеавте претходната година низ призма на новинарството? Кои промени ги доживеало новинарството, особено ако зборуваме за телевизијата, со оглед на тоа дека работите за еден таков медиум?

Никола Вучиќ: Се сеќавам дека почетоците на пандемијата во 2020 година беа мошне турбулентни за новинарите и новинарките во Босна и Херцеговина, а одделни нивоа на власта ги искористија вонредните општествени околности за ограничување на информациите на јавноста и за да им оневозможат на медиумите да ги следат важните настани. Сè се одвивало под знамето на грижа на власта за општото добро и здравјето на граѓаните/ките, но брзо видовме дека интересот на информирањето на јавноста не треба да биде исклучен поради интересот на јавното здравје. Не е само злоупотребата на положбата на владејачките карактеристика на изминатата година. Новинарите/ките беа цело време на првата линија на одбрана на демократијата, и тие поставуваа прашања без компромиси со обидите за авторитарно управување со вонредната состојба. Лично сум многу среќен поради новинарската храброст во таа година на јавно-здравствената криза.

Balkansmedia: Кои се според вас предизвиците со кои новинарството ќе се среќава во наредните години?

Никола Вучиќ: Добро прашање, но како би можел да го знам одговорот кога сè се менува од час во час. Сè  има сменето свој изглед, нашето општество не е исто како пред пандемијата, нашите меѓучовечки односи се коригирани, а стравот го окупирал колективниот ум на луѓето. Што било да се случи, се надевам дека новинарството ќе го задржи својот интегритет и ќе остане простор за критичко мислење, тоа нѝ е последната брана на демократијата.

Известувањето за маргинализираните е едно од клучните новинарски прашања на Балканот

Balkansmedia: Минатата недела разговаравме со неколку новинарки од Западен Балкан на тема за постоење на нерамноправноста помеѓу мажите и жените во новинарството. Воглавно се мажите они кои се на водечките позиции. Како вие го доживувате ова прашање, каква е положбата на жените во новинарството?

Никола Вучиќ: Сакам таа положба да биде подобра бидејќи од новинарките учев многу повеќе, отколку од новинарите. Не затоа што се можеби дури и побројни во оваа работа, туку затоа што се многу често похрабри од машките колеги, и се држат до методолошката коректност и до високите професионални стандарди. А тоа не ги спречува да откријат афери, да покажат дека „царот е гол“ или слично. Постојано се обидувам на масата на којашто седам, без оглед дали сум во приватен или деловен амбиент, да ја наметнам темата за важноста на новинарската солидарност и на машко-женската соработка.

Balkansmedia: Колку според вас постои свеста меѓу вашите колеги за фактот дека новинарките се нерамноправни? И ако мислите дека не постои, зошто е тоа така?

Никола Вучиќ: Со оглед на тоа што борбата против обесправеноста на жените генерално во општеството се обидува да се дискредитира со неосновани аргументи, така неретко се дискредитира и тврдењето дека новинарките се нерамноправни. Тоа е вообичаено бидејќи привилегираните групи ги бранат своите позиции, и тоа е голем проблем за постигнување на рамноправноста. Да, треба да се јакне свеста.

Balkansmedia: Некои истражувања велат дека повеќе новинарките се занимаваат со известувањето за маргинализираните групи и нерамноправноста на половите. Како вие го слушате тој факт? Зошто е тоа така?

Никола Вучиќ: Затоа што тука на Балканот тоа е прашањето кое се гледа низ бинарна поделба на родовите улоги: за жените се темите за прашањата на маргинализираните групи и поединците, а за мажите се „тешки теми“ за корупцијата, криминалот, убиствата и слично. Секако, тоа нема врска со памет и важно е и мажите и жените во новинарството рамноправно да учествуваат во расветлувањето на сите важни општествени промени, а известувањето за маргинализираните е едно од клучните новинарски прашања на Балканот.

Balkansmedia: Што е она што вашите колеги би можеле да го променат или дополнително да го внесат во сферата на новинарството, што би придонело за подобра положба на жените, како генерално во општеството, така и во новинарската професија?

Никола Вучиќ: На сите би им препорачал повеќе образование и повеќе погледи кон светот, во развиените земји, како таму функционира струката. Ние тука не сме ништо повеќе посебни во однос на светот, само треба конечно да прифатиме да бидеме дел од западната цивилизација и да се оттргнеме од рацете на традиционалниот, патријархален принцип на живеење, принцип на функционирање.

Ocijenite kvalitet članka