Piktostory алатка за кратки видеозаписи

21.02.2022. / 08:28

Форматот на видеозапис стана многу важен за презентирање на содржината во дигитална форма. Можностите за презентирање на содржината преку видео форма се навистина големи, а социјалните мрежи и интернетот особено придонесуваат за тоа на едноставен начин да може да се пласира одлична содржина преку видео форма.

Според студијата на Cisco, до 2022 година, 82% од сите онлајн содржини биле во видео формат, што јасно покажува колку е важно да се користи овој формат за презентација на медиумска содржина.

Во петокот пишувавме за тоа како видео форматот може да биде корисен и за вашата SEO стратегија и за самото позиционирање на пребарувачите.

Piktostory алатка за видео формат

Денес ви претставуваме една интересна и едноставна алатка со која ќе можете да креирате кратки видеозаписи.

Новата платформа за уредување на видео наречена Piktostory е дел од истото семејство како што е и алатката за која зборувавме минатата недела Piktochart.

Таа им овозможува на корисниците/чките подолгите форми на видеозаписите да ги конвертираат во исечоци подготвени за споделување на каналите на социјалните медиуми.

Пред објавувањето на верзијата 1.0, за публиката беше лансирана БЕТА верзијата на платформата, која првично вклучуваше можности како што се пренесување на видео датотека од локален компјутер, од Zoom или од Google drive, уредување на титлови и конвертирање на пренесените видеозаписи во повеќе исечоци кои се оптимизирани за социјалните мрежи.

Новата лансирана верзија на Piktostory нуди поголема флексибилност со што искуството за уредување на видеозаписи е полесно од било кога. Со вградениот видеорекордер, сега е можно да се сними видеото директно од платформата, без потреба да се вчита од надворешни извори. Новото издание, исто така, воведува нови функции за приспособување и брендирање како што се:

  • Промена на карактеристиките на текстот вклучувајќи ја бојата, големината и темата на фонтот, бојата на позадината и позицијата на текстот

  • Промена на карактеристиките на видеозаписот, вклучувајќи ја бојата на позадината на видеозаписот, големината на видеозаписот, позицијата на видеото, како и додавање на повеќе опции за формати на сликата

  • А наскоро воведуваат и додавање на сопствен воден жиг во видеото

Со ова ажурирање на производот, Piktostory станува целосно развиена платформа која на креаторите/ките на видеозаписи им го олеснува подобрувањето на ангажманот на публиката и овозможувајќи им без напор да ја креираат и да ја конвертираат нивната видео содржина за само неколку минути.

"Нашата визија е уредувањето и конвертирањето на видео содржината да ги направиме достапни за сите. Во денешно време, видео комуникацијата стана норма. Сакавме да го олесниме тоа со обезбедување на решение за уредување на видео кое ќе биде подеднакво лесно како и уредувањето на текстуален документ.” - вели Ai Ching Goh, извршната директорка на Piktochart.

Цени

Piktostory може да се користи и бесплатно со можност за уредување на видеа до 30 минути месечно, но со воден жиг на Piktostory. Покрај бесплатната верзија, постојат и три платени опции. Првата е Lite и чини 9 долари месечно и е одлична доколку креирате видеозаписи од време на време, а со овој план можете да креирате до 180 минути месечно, со можност за приспособување на вашето лого и без воден жиг. Најпопуларен план е планот Pro и идеален е за оние кои секојдневно креираат видеозаписи. Чини 29 долари месечно и со него ќе можете да креирате до 900 минути видеозаписи. Ultimate планот чини 49 долари месечно а со него добивате 2400 минути за креирање на видеозаписи.

Сите планови вклучуваат увоз на видеозаписи од Zoom, Google drive или снимање со веб камера, неограничено складирање, неограничено преземање во оригиналната максимална резолуција и приспособливи титлови.

Карактеристики и работа во Piktostory

Пред да почнете да работите во Piktostory ќе биде потребно да креирате ваш налог. Тоа ќе го направите едноставно со неколку кликови, поврзувајќи го со вашата меил адреса.

Ова е почетниот екран што ќе го добиете откако ќе се најавите.

¸¸1

Како што можете да видите во горниот дел на средина стои колку минути имате. Ние креиравме бесплатен налог, па имаме 30 минути. Кога ќе снимите или ќе вметнете некое видео, ќе можете да следите колку минути ви останале.

Она што веројатно ќе интересира многумина од нашиот регион е тоа што оваа алатка има можност за автоматско титлување на преку 60 јазици, вклучувајќи и хрватски, српски и македонски. За жал сѐ уште го нема албанскиот јазик, но веруваме дека ќе биде достапен наскоро.

Како изгледа тоа во првата необработена верзија на титлување, погледнете во видеото подолу. Како што можете да видите програмата прилично добро ги извлече титловите. Но, секако ќе биде потребно повторно да се помине низ текстот и да се додадат интерпункциските знаци и евентуално да се поправат некои зборови.

Покрај транскриптот, можете да изберете и различни шаблони како да ви изгледа видеото, како на пример каде да стојат титловите, насловот и логото (во бесплатната верзија водениот жиг на Piktostory).

via GIPHY

Исто така можете да изберете и стил на буквите на титловите, како и да додадете интро и аутро видео.

re

Можете автоматски да го менувате форматот на видеото, а понудените формати се 1:1, 16:9, 9:16 и 4:5.

При експортирањето можете посебно да ги исфрлите титловите во srt, vtt и txt формат, како што можете и целиот текст автоматски да го копирате доколку ви треба транскрипција без минутите, што може да биде одлично ако сакате во текстот да вметнете определени цитати од видеозаписот.

export

Оваа алатка уште еднаш потврдува дека за креирање на кратки видео прилози за некој портал или за социјалните мрежи не треба многу време. А веруваме дека ќе ве привлече и фактот дека со оваа алатка можете многу едноставно да креирате и титлови, кои денес стануваат составен дел на видеозаписите.

Покрај оваа алатка, на нашата страница можете да пронајдете и голем број на други алатки кои можат да ви бидат корисни за обработка и за креирање на видеозаписи, а ние за нив пишувавме подетално. Некои од нив се Canva, LumaFusion, Headliner, Veed.io.

Ocijenite kvalitet članka